Wednesday, February 22, 2017

Зима

Би сакал да можам да трчам редовно преку целата година, но екстремното аерозагадување кое му се случи на Скопје и оваа година ме спречи да задржам некаков континуитет на тренинзи. Иако има и такви што се осудуваат да трчаат во секакви амбиентални услови, сметам дека барем за мене тоа не е добар избор. Со оглед на тоа дека дури и кратко 30-минутно трчање покрај улица со густ сообраќај во телото создава реакција како на активен пушач, тогаш сигурно тоа не е препорачливо во услови на загадување какво што имаме зимава (па и претходните). Физичката активност делумно ги намалува последиците од дишењето загаден воздух, барем во делот за кардиоваскуларни болести. Но ризиците поврзани со респираторни болести, и пред сè директната поврзаност со појава на многу типови канцер, ме одвлекуваат од желбата да излезам и да трчам.


Секогаш ми паѓа тешко кога треба да направам подолга пауза. Уште потешко ми е што паузата ја правам затоа што ми е скратено основното право на чиста животна средина. Во ситуација кога сакам да правам нешто за да си го подобрам здравјето, најосновниот елемент, од кој не можам да избегам, ме притиска и буквално ме гуши од сите страни. И така цела зима сè се сведува на повремено одење на Водно и ловење на ретките помалку загадени денови за трчање на кеј.


Сепак успеав да си направам неколку светли моменти во сиот овој смог. Прва активност во новава година ми беше снежното качување на Водно и откачениот спуст надолу. Ако мислите дека е тешко трчање спуст, пробајте го тоа на снег со чизми! Мислам дека никогаш порано не сум бил толку фокусиран на сопственото движење и на околината. Влегување во тотална хармонија со патеката.


15940822_10212068293291309_4368296809811716656_n.jpg
Поглед од Водно кон Јакупица
Додека траеа снежните (и почисти) денови направив и неколку трчања на кеј. Условите беа тешки, темпото споро, патиките често се зализгуваа, ладниот воздух боцкаше во грло. Но и покрај сето ова, во овие трчања посебно уживав и ме исполнија на начин како ниедни други претходно. Си најдов нова димензија, нова убавина на трчањето. И во тие ладни зимски денови ме наполнија со убава енергија и ме затоплија одвнатре.
Тука некаде падна и конечната одлука на Скопски да се пријавам за полумаратон. Време е и по нашиве улици да истрчам трка подолга од пет километри. Па како што се стопи снегот и почна времето да затоплува, така и јас зачестив со трчањата. Сè уште се натегаме со загадувањево, ама сè почесто е доволно добро за да можам да излезам.


Надвор од трчањето периодов ми се случија многу убави и интересни работи. Блогов почна да привлекува внимание и надвор од мојот круг на пријатели, па добив и малку простор во неколку медиуми. Најпрво се случи интервјуто за порталот friday.mk каде блогов беше избран за најинспиративен за 2016. Интересен момент е што додека одговарав на прашањата за интервјуто не ни знаев дека станува збор за вакво признание. Сепак драго ми е што има такви што сметаат дека ова што го пишувам инспирира, па се надевам дека како што поминува времето ова ќе стигне до сè повеќе луѓе на кои тоа им е потребно.


Набрзо по ова добив повик од екипата на Утринска на Телма. Јас пред камера и тоа во емисија во живо? Добив трема од самата помисла. Ама желбата да ја споделам мојата приказна пред поголема публика од оваа на блогот и Фејсбук страната преовлада и без поголемо размислување прифатив да се појавам на телевизија.


16266188_1222737181175236_1007686267179309658_n.jpg
Од гостувањето во Утринска на Телма
Во пријатната атмосфера во студиото на Телма, и покрај тоа што имав многу трема, си направивиме еден опуштен пријателски разговор со водителката Цеце. Не е лесно пред камера да се зборува за една ваква тема, но успеав да споделам голем дел од мојата приказна.
Неколку дена потоа се случи и објавата во печатената верзија на Дневник (која што заборавив да ја објавам на страната :) ). Па еве тука официјално да им се заблагодарам за издвоениот простор.


Статијата во Дневник 

Слободното време помеѓу сето ова најчесто го исполнувам со размислување, истражување и планирање во врска со овој блог и потенцијалната иницијатива која сакам да произлезе од него.
Иако сè уште темата е малку запоставена во однос на други болести, сè почесто излегуваат конкретни истражувања за влијанието на физичката активност врз подобрувањето на здравјето на канцер пациентите. Според многу од тие истражувања физичката активност ги намалува шансите за враќање на одредени типови канцер кај луѓето кои се излечиле за дури 30-40%! Па според ова воопшто не е чудно што таа веќе долго време се препорачува кај пациентите во други земји.
Според Светската Здравствена Организација (WHO) во топ десет причинители на канцер, покрај другите се наведени и прекумерната тежина, несоодветната исхрана без доволно зеленчук и овошје, недоволна физичка активност и урбаното загадување. Тоа се четири огромни фактори за кои можеме самите да си помогнеме. Па кога и едните и другите имаат огромно влијание врз здравјето, зошто онколозите кај нас може да советуваат против употреба на цигари и прекумерно конзумирање алкохол, а не може да препорачуваат физичка активност и здрава исхрана?

Физичката активност и здравата исхрана МОРА да стане дел од лекувањето и рехабилитацијата на канцер пациентите. И тоа мора да биде како во склоп на медицинските установи, така и надвор од нив во форма на групи за поддршка. Иако претходно имав мали дилеми околу тоа дали сакам поконкретно да се активирам на оваа тема, сега веќе сум сигурен дека сакам колку што може повеќе да придонесам за промена на медицинските практики во поглед на лекувањето на канцерот. Веќе сериозно размислувам и за конкретни активности на таа тема и во многу скоро време ќе почнам и да објавувам дел од тие планови. Јас можеби сам го најдов начинот на кој можам најлесно да си помогнам, но има многу што ова не го знаат. Јас се снајдов и си помогнав сам на себе, но време е да се помогне и на другите!