Friday, December 1, 2017

Со нови навики до нови успеси

Помина предолго време од последниот пат кога напишав нешто во блогов. Но, тоа не e дека не се случуваа работи кои вредат да се запишат, туку дека се случуваа премногу работи и промени. Продолжив да сум физички активен, иако со намален интензитет. Но, затоа потрагата по здрав живот ме одведе малку и во друга, донекаде неочекувана, насока.

По една од пократките трки есенва, се присетив дека се поминати повеќе од четири години од денот кога ми ја поставија дијагнозата. Потоа враќајќи се накај дома почнав да размислувам колку многу работи се сменија за тоа време. Утрата пред четири години ги поминував во кревет и се борев со хемо-заморот и гадењето по терапиите, а тоа утро се враќав дома од трка каде го истрчав моето најдобро време на 5 километри и се чувствував подобро од било кога во животот. Се чувствував посилно, поиздржливо, поенергично и најважно од сѐ, се чувствував во полно здравје.


Во одлична атмосфера го истрчав својот прв полумаратон на Скопски маратон 2017. Беше неверојатно тешко искуство, пропратено со многу проблеми за време на трката. Но, и со голема поддршка од најблиските кои со бодрењето ми помогнаа да завршам.
Ова значително подобрување и во резултатите и во здравјето оваа година не е случајност. Подобрувањето на квалитетот на живот на сите луѓе, со посебен акцент на болните и преживеаните од рак, се состои од многу различни фактори. Иако физичката активност е исклучително важен фактор за целокупното здравје на еден човек и може да промени многу, тоа не значи дека другите фактори треба да се занемарат. Иако долго време фокусот на моите истражувања беше токму за физичката активност, истовремено се интересирав и за другите фактори кои влијаат на моето здравје и квалитетот на живот, како исхраната и средината во која живееме.

По втор пат ја истрчав Камена Баба 31км на Крали Марко Треилс. Секогаш е посебно уживање да се трча низ прекрасните предели во околината на Прилеп. Насмевката кажува сѐ.

Иако ги следев сите најнови истражувања коишто сѐ повеќе посочуваа дека растителната исхрана е најдобра и за превенција и за рехабилитација од канцер (покрај многу други болести), некако предолго време останав скептичен околу тоа дали треба целосно да ги отстранам животинските продукти од мојата порција. И тогаш, отидов на минатогодишниот Вегефест на предавањето од д-р Александар Митов каде што тој ги презентираше најновите научни откритија за влијанието на исхраната врз превенцијата од канцер. Во комбинација со неколку други настани и истражувања од тој период, кои го придвижија етичкиот и еколошкиот момент во целата приказна, одлучив да се префрлам на целосно растителна исхрана. Во наредните неколку месеци ја започнав постепената трансформација, за од почетокот од годинава веќе целосно да сум префрлен само на растителна храна.

Есенва си ги подобрив личните рекорди на 5 и на 10 километри, а чувствувам дека има уште многу простор за подобрување.
Откако ја прифатив веганската исхрана (и начин на живот) некако сѐ се движи во нагорна линија. И во ваквите моменти кога согледувам на колку начини позитивно ми влијаеше, не можам, а да не кажам дека е можеби најдобрата одлука која сум ја донел во животот. Сѐ уште има простор за подобрување, но, со ова можеби го заокружив процесот на големи промени во насока на подобрување на квалитетот на мојот живот.

За крај на сезоната, го истрчав и полумаратонот во Подгорица. Иако многу работи тргнаа наопаку, па дури и сериозно размислував да се откажам уште на вториот километар, на крај успешно завршив и дури и си го подобрив времето од Скопски за скоро десет минути.

Друго нешто што го забележав тоа утро е дека на болеста и времето поминато во лекување повеќе не гледам како на лошо поминато и изгубено време. Болеста ме поттикна да се подобрам себеси и да си го подобрам квалитетот на животот. Сега кога се навраќам и присетувам на тие тешки мигови црпам само нова инспирација и мотивација за уште поголеми постигнувања и на трчачки и на животен план. Секој тежок момент и секоја грешка во животот треба да биде токму ова, поттик за промени во позитивна насока и себеподобрување. Сѐ додека постои волја, не постои пречка која што не може да се надмине.