Friday, December 1, 2017

Со нови навики до нови успеси

Помина предолго време од последниот пат кога напишав нешто во блогов. Но, тоа не e дека не се случуваа работи кои вредат да се запишат, туку дека се случуваа премногу работи и промени. Продолжив да сум физички активен, иако со намален интензитет. Но, затоа потрагата по здрав живот ме одведе малку и во друга, донекаде неочекувана, насока.

По една од пократките трки есенва, се присетив дека се поминати повеќе од четири години од денот кога ми ја поставија дијагнозата. Потоа враќајќи се накај дома почнав да размислувам колку многу работи се сменија за тоа време. Утрата пред четири години ги поминував во кревет и се борев со хемо-заморот и гадењето по терапиите, а тоа утро се враќав дома од трка каде го истрчав моето најдобро време на 5 километри и се чувствував подобро од било кога во животот. Се чувствував посилно, поиздржливо, поенергично и најважно од сѐ, се чувствував во полно здравје.


Во одлична атмосфера го истрчав својот прв полумаратон на Скопски маратон 2017. Беше неверојатно тешко искуство, пропратено со многу проблеми за време на трката. Но, и со голема поддршка од најблиските кои со бодрењето ми помогнаа да завршам.
Ова значително подобрување и во резултатите и во здравјето оваа година не е случајност. Подобрувањето на квалитетот на живот на сите луѓе, со посебен акцент на болните и преживеаните од рак, се состои од многу различни фактори. Иако физичката активност е исклучително важен фактор за целокупното здравје на еден човек и може да промени многу, тоа не значи дека другите фактори треба да се занемарат. Иако долго време фокусот на моите истражувања беше токму за физичката активност, истовремено се интересирав и за другите фактори кои влијаат на моето здравје и квалитетот на живот, како исхраната и средината во која живееме.

По втор пат ја истрчав Камена Баба 31км на Крали Марко Треилс. Секогаш е посебно уживање да се трча низ прекрасните предели во околината на Прилеп. Насмевката кажува сѐ.

Иако ги следев сите најнови истражувања коишто сѐ повеќе посочуваа дека растителната исхрана е најдобра и за превенција и за рехабилитација од канцер (покрај многу други болести), некако предолго време останав скептичен околу тоа дали треба целосно да ги отстранам животинските продукти од мојата порција. И тогаш, отидов на минатогодишниот Вегефест на предавањето од д-р Александар Митов каде што тој ги презентираше најновите научни откритија за влијанието на исхраната врз превенцијата од канцер. Во комбинација со неколку други настани и истражувања од тој период, кои го придвижија етичкиот и еколошкиот момент во целата приказна, одлучив да се префрлам на целосно растителна исхрана. Во наредните неколку месеци ја започнав постепената трансформација, за од почетокот од годинава веќе целосно да сум префрлен само на растителна храна.

Есенва си ги подобрив личните рекорди на 5 и на 10 километри, а чувствувам дека има уште многу простор за подобрување.
Откако ја прифатив веганската исхрана (и начин на живот) некако сѐ се движи во нагорна линија. И во ваквите моменти кога согледувам на колку начини позитивно ми влијаеше, не можам, а да не кажам дека е можеби најдобрата одлука која сум ја донел во животот. Сѐ уште има простор за подобрување, но, со ова можеби го заокружив процесот на големи промени во насока на подобрување на квалитетот на мојот живот.

За крај на сезоната, го истрчав и полумаратонот во Подгорица. Иако многу работи тргнаа наопаку, па дури и сериозно размислував да се откажам уште на вториот километар, на крај успешно завршив и дури и си го подобрив времето од Скопски за скоро десет минути.

Друго нешто што го забележав тоа утро е дека на болеста и времето поминато во лекување повеќе не гледам како на лошо поминато и изгубено време. Болеста ме поттикна да се подобрам себеси и да си го подобрам квалитетот на животот. Сега кога се навраќам и присетувам на тие тешки мигови црпам само нова инспирација и мотивација за уште поголеми постигнувања и на трчачки и на животен план. Секој тежок момент и секоја грешка во животот треба да биде токму ова, поттик за промени во позитивна насока и себеподобрување. Сѐ додека постои волја, не постои пречка која што не може да се надмине.


Wednesday, February 22, 2017

Зима

Би сакал да можам да трчам редовно преку целата година, но екстремното аерозагадување кое му се случи на Скопје и оваа година ме спречи да задржам некаков континуитет на тренинзи. Иако има и такви што се осудуваат да трчаат во секакви амбиентални услови, сметам дека барем за мене тоа не е добар избор. Со оглед на тоа дека дури и кратко 30-минутно трчање покрај улица со густ сообраќај во телото создава реакција како на активен пушач, тогаш сигурно тоа не е препорачливо во услови на загадување какво што имаме зимава (па и претходните). Физичката активност делумно ги намалува последиците од дишењето загаден воздух, барем во делот за кардиоваскуларни болести. Но ризиците поврзани со респираторни болести, и пред сè директната поврзаност со појава на многу типови канцер, ме одвлекуваат од желбата да излезам и да трчам.


Секогаш ми паѓа тешко кога треба да направам подолга пауза. Уште потешко ми е што паузата ја правам затоа што ми е скратено основното право на чиста животна средина. Во ситуација кога сакам да правам нешто за да си го подобрам здравјето, најосновниот елемент, од кој не можам да избегам, ме притиска и буквално ме гуши од сите страни. И така цела зима сè се сведува на повремено одење на Водно и ловење на ретките помалку загадени денови за трчање на кеј.


Сепак успеав да си направам неколку светли моменти во сиот овој смог. Прва активност во новава година ми беше снежното качување на Водно и откачениот спуст надолу. Ако мислите дека е тешко трчање спуст, пробајте го тоа на снег со чизми! Мислам дека никогаш порано не сум бил толку фокусиран на сопственото движење и на околината. Влегување во тотална хармонија со патеката.


15940822_10212068293291309_4368296809811716656_n.jpg
Поглед од Водно кон Јакупица
Додека траеа снежните (и почисти) денови направив и неколку трчања на кеј. Условите беа тешки, темпото споро, патиките често се зализгуваа, ладниот воздух боцкаше во грло. Но и покрај сето ова, во овие трчања посебно уживав и ме исполнија на начин како ниедни други претходно. Си најдов нова димензија, нова убавина на трчањето. И во тие ладни зимски денови ме наполнија со убава енергија и ме затоплија одвнатре.
Тука некаде падна и конечната одлука на Скопски да се пријавам за полумаратон. Време е и по нашиве улици да истрчам трка подолга од пет километри. Па како што се стопи снегот и почна времето да затоплува, така и јас зачестив со трчањата. Сè уште се натегаме со загадувањево, ама сè почесто е доволно добро за да можам да излезам.


Надвор од трчањето периодов ми се случија многу убави и интересни работи. Блогов почна да привлекува внимание и надвор од мојот круг на пријатели, па добив и малку простор во неколку медиуми. Најпрво се случи интервјуто за порталот friday.mk каде блогов беше избран за најинспиративен за 2016. Интересен момент е што додека одговарав на прашањата за интервјуто не ни знаев дека станува збор за вакво признание. Сепак драго ми е што има такви што сметаат дека ова што го пишувам инспирира, па се надевам дека како што поминува времето ова ќе стигне до сè повеќе луѓе на кои тоа им е потребно.


Набрзо по ова добив повик од екипата на Утринска на Телма. Јас пред камера и тоа во емисија во живо? Добив трема од самата помисла. Ама желбата да ја споделам мојата приказна пред поголема публика од оваа на блогот и Фејсбук страната преовлада и без поголемо размислување прифатив да се појавам на телевизија.


16266188_1222737181175236_1007686267179309658_n.jpg
Од гостувањето во Утринска на Телма
Во пријатната атмосфера во студиото на Телма, и покрај тоа што имав многу трема, си направивиме еден опуштен пријателски разговор со водителката Цеце. Не е лесно пред камера да се зборува за една ваква тема, но успеав да споделам голем дел од мојата приказна.
Неколку дена потоа се случи и објавата во печатената верзија на Дневник (која што заборавив да ја објавам на страната :) ). Па еве тука официјално да им се заблагодарам за издвоениот простор.


Статијата во Дневник 

Слободното време помеѓу сето ова најчесто го исполнувам со размислување, истражување и планирање во врска со овој блог и потенцијалната иницијатива која сакам да произлезе од него.
Иако сè уште темата е малку запоставена во однос на други болести, сè почесто излегуваат конкретни истражувања за влијанието на физичката активност врз подобрувањето на здравјето на канцер пациентите. Според многу од тие истражувања физичката активност ги намалува шансите за враќање на одредени типови канцер кај луѓето кои се излечиле за дури 30-40%! Па според ова воопшто не е чудно што таа веќе долго време се препорачува кај пациентите во други земји.
Според Светската Здравствена Организација (WHO) во топ десет причинители на канцер, покрај другите се наведени и прекумерната тежина, несоодветната исхрана без доволно зеленчук и овошје, недоволна физичка активност и урбаното загадување. Тоа се четири огромни фактори за кои можеме самите да си помогнеме. Па кога и едните и другите имаат огромно влијание врз здравјето, зошто онколозите кај нас може да советуваат против употреба на цигари и прекумерно конзумирање алкохол, а не може да препорачуваат физичка активност и здрава исхрана?

Физичката активност и здравата исхрана МОРА да стане дел од лекувањето и рехабилитацијата на канцер пациентите. И тоа мора да биде како во склоп на медицинските установи, така и надвор од нив во форма на групи за поддршка. Иако претходно имав мали дилеми околу тоа дали сакам поконкретно да се активирам на оваа тема, сега веќе сум сигурен дека сакам колку што може повеќе да придонесам за промена на медицинските практики во поглед на лекувањето на канцерот. Веќе сериозно размислувам и за конкретни активности на таа тема и во многу скоро време ќе почнам и да објавувам дел од тие планови. Јас можеби сам го најдов начинот на кој можам најлесно да си помогнам, но има многу што ова не го знаат. Јас се снајдов и си помогнав сам на себе, но време е да се помогне и на другите!

Thursday, December 22, 2016

Начин на живот

Трчањето ме предизвикува, трчањето ме исполнува, трчањето ми е љубов. Но, трчањето е само мал дел од сложувалката.
Во изминативе (скоро) три години откако завршив со хемотерапијата ми се случија неколку еволуции на карактерот и на начинот на размислување. Некои беа поттикнати од несреќни случаи (читај трчачки повреди), некои од луѓето околу мене, но сите се движеа во иста насока: здравјето да стане начин на живот.
За првиот еурека момент беа потребни скоро две години. Есента 2015 година се здобив со навидум мала повреда на стапалото која испадна да ме оттргне од трчањето (па и од другите активности на отворено) скоро шест месеци. Тоа е предолг период да бидеш оттргнат од нешто што те исполнува, но пред се од нешто што знаеш дека е важно за твоето здравје. Тогаш за прв пат бев принуден да размислувам за алтернативи, за други типови на физичка активност. Иако не сакав да вежбам во затворени простории, во моментот тоа ми беше единствената алтернатива. Но, како што се покажа подоцна, одлуката да продолжам со некакво, било какво вежбање е една од најдобрите одлуки кои ги направив. Во некаков чуден сплет на околности и запознавање на вистинските луѓе во вистинско време научив да ги сакам сите типови на физичка активност. Почнав да се едуцирам, да експериментирам, да комбинирам. Почнав да вежбам многу различни работи кои и до ден денес ги практикувам. И сето тоа создава некоја убава целина, затворен круг, што носи и одлични резултати.
Вежбање по дома
Како што доаѓаше пролетта, така постепено го вклучував и трчањето во таа целина. Ама овојпат веќе ништо од тоа што правев не беше стихијно. Вежбањето ми стана нераздвоив дел од животот, а тоа си повлече повеќе внимавање и попаметно тренирање. Скопскиот маратон ми дојде некако брзо, дали имав истрчано неколку пати. Откако се осигурав дека повредата е помината, во последен момент се пријавив на трката на пет километри...онака колку да учествувам. Ама Скопски никогаш не е „онака“. Како што се доближуваше датумот мене пак почна да ме фаќа стандардната еуфорија која кулминираше на денот на трките. Тие пет километри што ги истрчав, ги истрчав. А откако завршив (веќе традиционално) си најдов соодветно место, ги извадив навивачките реквизити и транспарентите и почнав со бодрење на другарите на подолгите трки. Па малку да му направам друштво на едниот, малку на другиот, ај до раскрсницата, ај до пазарче...на крај може и мене ми се собра скоро полумаратон. :D
Скопски Маратон 2016 - Трка на 5km
Иако поголемиот дел од зимата го поминав на затворено, позитивниот тренд на лекарските контроли продолжи. Тоа некако ме натера да размислувам пошироко, надвор од границите на трчањето и планинарењето. Што е тоа што го дефинира здравјето на еден човек?
Комбинирајќи трчање и планинарење со повеќе други типови вежбање летово постигнав многу. Намалив голем дел од вишокот килажа (околу 10-12 kg за 5-6 месеци) и значително ја зајакнав мускулатурата. И што е најважно се спремив за 31-километарската трка на Крали Марко Треилс. Па од ова очигледно е дека физичката активност во било каква форма има голем удел во целокупната состојба на телото, а тоа може и да го прочитате и било каде. Но, колку и да вежбаме, кај повеќето од нас тоа е само мал дел од денот. Седење по осум часа на работа, егзистенцијални стресови, дишење загаден воздух, лоша исхрана...сето ова не може да се компензира со час-два вежбање. И сигурен сум дека доколку повеќе внимавав на некои од овие работи (најконкретно исхраната) резултатите ќе беа уште подобри!
Размислувајќи за овие работи, во период кога почнав да го пишувам и блогов, и повторно под мало надворешно влијание се случи и вториот еурека момент. Можеби вежбањето ми стана начин на живот, но за целокупното здравје да ми стане начин на живот, треба активно да придонесувам во сите сегменти од кои тоа ми зависи. Почнувајќи од детали кои влијаат на индивидуалното здравје како кратки паузи на работа за раздвижување, користење на скали наместо лифт и изборот на храна, па до работи кои влијаат и на целата околина како избор на јавен транспорт или велосипед за превоз. Сите овие се многу мали промени кои може многу да сменат. И постепено овие работи треба да се прошируваат, да се надоградуваат. Да стануваме свесни колку навидум небитни детали може многу да влијаат на индивидуалното и колективното здравје. Здравјето не е нешто што ни се поклонува, здравјето е нешто за кое треба силно да се бориме во сите аспекти од животот.
Бркање виножита одејќи со велосипед на работа
Јас одлучив тоа да е мојот начин на живот. И одлучив дека не ми се потребни дополнителни изговори за да направам промени кои длабоко во себе долго време знаев дека треба да ги направам.
И не можам, а да не помислам што би било ако сите го прифатиме здравјето како начин на живот? Во каков свет би живееле тогаш?

Friday, October 28, 2016

Физичка активност кај пациенти од канцер

Подолу напишаното е базирано на обемно истражување и лично искуство. Сметам дека моите резултати се позитивни, но сепак ова треба да се чита со доза на резерва. Бенефитите од физичката активност дефинитивно ги има, но интензитетот и начинот на вежбање е индивидуален и добро би било да е со претходна консултација. Дел од текстот е директно преземен од некои релевантни извори на темата: American Cancer Society, Cancer Research UK, American College of Sports Medicine, National Comprehensive Cancer Network итн.

Помина долго време пред да почнам да ги согледувам многу од придобивките кои произлегоа од трчањето и другото вежбање. Сите позитивни промени си бараат многу време, трпение и дисциплина, а ова не е исклучок. Сепак, кога придобивките станаа очигледни, јасно ми беше дека трпението се исплатеше.
Преживувањето канцер и поминувањето низ третманот за лечење се големо постигнување за секој. Откако тоа ќе помине, повеќето, ако не и сите преживеани имаат нов приоритет во животот: да го спречат враќањето на канцерот. Но, кој е најдобриот начин да се вратите во добра форма и да си обезбедите долгорочно здравје?

Некои од најновите истражувања посочуваат дека физичката активност може да помогне.
Според нив повисоко ниво на физичка активност и правилна исхрана може да спречат повторна појава на канцер и се поврзани со намален ризик од враќање на канцерот.
Спротивно на ова, неколку анкети покажуваат дека по дијагнозата на канцер, луѓето успоруваат. Стресот, депресијата, мачнините и заморот предизвикани од болеста или терапијата...сето ова ги прави луѓето помалку активни. Но главниот проблем е што пациентите остануваат пасивни и по лекувањето.



Вежбањето кај пациентите од канцер ги има многу од истите бенефити како и кај останатите: подобра физичка спремност, поголема мускулна сила, намалени масти, намален ризик од кардиваскуларни болести и дијабетес итн.
Но, кога станува збор за пациентите од канцер, вежбањето има многу подлабока важност.
Една од најзабележителните последици од хемотерапијата е хемо-заморот. Тоа е чувство на постојана слабост и измореност, навидум без некоја посебна причина. Третманите за канцер како хемотерапија и зрачење подеднакво ги напаѓаат малигните и здравите клетки, особено црвените крвни клетки. Покрај другите фактори, ова е една од главните причини за постојаното чувство на замор. Дури и со најлесната физичка активност се стимулира создавањето на нови црвени крвни клетки и значително се намалуваат негативните ефекти од хемотерапијата. Според Американското канцер здружение: „Мирувањето и избегнувањето активност не е добро долгорочно решение за борење со хемо-заморот. Важно е пациентите, што побрзо по терапиите, да почнат со физичка активност за да им се забрза опоравувањето.“ Секој човек е различен и различно го поднесува целиот процес. Секој треба сам да биде свесен за своите можности и сам да процени од каде да почне. И премногу вежбање може да влијае на хемо-заморот исто како и премалку. За оние кои премногу мирувале добар почеток е лесно истегнување или почетничка јога. И секако лесно пешачење барем еднаш во денот. Оние кои се осеќаат поспремни може да почнат и со лесно џогирање или пливање, па дури и полесни тежински вежби.

Исто така според истражување на неколку типови канцер, прекумерната тежина по завршување на лекувањето ја зголемува шансата за враќање на канцерот. А физичката активност и квалитетната исхрана се исто така и одличен начин за регулирање на тежината. Според Американскиот колеџ за спортска медицина: „Идеално, преживеаните од канцер треба да прават аеробни и тежински вежби. И двете се од круцијално значење за општото здравје на пациентите.“ Ваквата комбинација од вежби е одлична за одржување одлична физичка спремност и општо подобрување на здравјето.



Една од најпотценетите работи кај пациентите од канцер е психичкото здравје. Лошото расположение и падот на самодовербата се пропратни работи кај скоро секој пациент. Според истражување објавено од National Comprehensive Cancer Network, групните физички активности, особено кога станува збор за групи од канцер пациенти, имаат подобро влијание на психичкото здравје од било каков психолошки третман. Тука предност имаат групните активности на отворено како пешачење, возење велосипед или планинарење, каде што покрај физичката активност до израз доаѓа и дружењето и споделувањето искуства. Вежбање и разговарање со други кои поминуваат низ истото може значително да го подобри расположението, а подобрувањето на физичката спремност е одличен начин за враќање на самодовербата.

Дополнително со физичката активност може да се елиминираат и некои од последиците од долгото боледување во кревет: вкочанети зглобови, ослабени мускули, проблеми со дишењето, осетливост на кожата, слаб апетит и друго.



За крај (или можеби посоодветно е за почеток), почнете полека во рамки на својата комфорна зона, станете свесни за можностите на вашето тело, напредувајте постепено и полека вратете си го здравјето. Не заборавајте дека ова може да биде долг и напорен процес, но верувајте дека се исплати секоја капка пот. Не го преживеавте тоа долго и напорно лекување за да завршите на каучот!

Friday, September 30, 2016

Далеку...

Не сакав да го нарушам распоредот на раскажување, ама некако морам на кратко да се префрлам во сегашноста. Изминатиов викенд го направив мојот најголем трчачки подвиг до сега, успешно завршување на 31 километарската трка на Крали Марко Треилс и мислам дека вреди да се запише додека ми се свежи впечатоците. 
Приказната всушност започна пред неколку месеци кога одлучив дека е време за следниот чекор, следното скалило. По годинешниов Скопски маратон 2016 каде што повторно учествував на трката на 5 километри некако се почесто почна да ми се врти во глава идејата за некој посериозен предизвик. Крали Марко веќе некако по автоматизам ми е влезен во распоредот, па кога видов дека и оваа година ќе ја има трката на 31 километар одлуката не беше тешка. Без поголемо размислување се пријавив и почнав да правам план за подготовки.
Пет месеци и многу километри подоцна дојде и тој викенд, празникот на планинското трчање во Македонија. Со Никац и Даре намерно отидовме ден порано од нашите трки за да ги бодриме стартерите на 90 километри. Поголемиот дел од попладнето и вечерта го поминавме токму на стартот кај амфитеатарот Варош. А таму многу познати лица и меѓу организаторите и меѓу трчачите. Си ги земавме стартните пакети, се подруживме со луѓето, јадевме паста и полека дојде време да тргнат најспремните и најхрабрите. Пеесетина стартери длабоко во ноќта го почнаа долгото патување по падините на Бабуна, испратени со многу бучава и позитивна енергија. Доволно и за нивна и за наша мотивација за тоа што не чека наредниот ден. 
Утрото почна забавно. Прво со алармот на Даре што звучи како петел и ја разбуди цела сала. Па Никац се жалеше дека некој многу 'рчел па ја влечел вреќата ноќе преку цела сала. Па потоа мојот појадок го изеде Денали, кучето на „комшијата“ Хеки. Идеален старт на денот! По кратко спремање и загревање, се спакувавме и тргнавме кон стартот. 
Старт / Финиш - Амфитеатар Варош

А таму стандардната „лудница“. Преку 200 трчачи земаат стартни пакети, се истегнуваат, се загреваат, се сликаат... Се споделуваат кратки последни совети и полека сите се собираат на стартот. Почнува заедничкото одбројување за старт: десет, девет, осум...... три, два, еден! И сите стартуваат во еден здив исто како што одбројуваа.
Првиот дел од патеката до манастирот Трескавец ми е добро познат, го поминувам веќе трета година. Овојпат го поминувам некако побрзо, полесно, ама пак побавно од очекувањата. Сепак не ме загрижува премногу, знам дека качувањето ми е послаба страна. Горе кај манастирот, на контролната точка, правиме кратка пауза со малата група со која се качувавме заедно и продолжуваме понатаму. Стотина метри подолу се разделивме на различни страни: тие што се на шеснаесетката вртат десно и се враќаат назад кон Прилеп, а ние на триесет и кецот вртиме лево и влегуваме во за мене најубавиот дел од патеката. 


На излезот од Трескавец

Четири километри брз технички спуст. Вистинско уживање еднакво на медитација. Си планираш неколку чекори однапред, внимаваш на секое згазнување, на балансот, на дишењето. Целосно си фокусиран на линијата на движење, на најлесниот и најбрз пат низ карпите. Ама не се бориш со нив, оставаш сами да покажат, сами да те водат, исто како што би насочувале поток вода. И веќе ништо околу тебе не е важно, како да си сам со планината. Не дека нема и други трчачи пред и зад мене, ама тие во моментот се само дел од пејсажот.
Не ги осетив овие километри, како да поминаа за миг. И наеднаш се најдов на втората контрола на патот за Дабница. Таму познати весели лица. Некои насочуваат, некои те нудат со вода и храна, а некои само галамат со ѕвона и свирчиња. Застанав кратко, каснав нешто, го измив лицето и тргнав пак.
Но, не помина долго, а почнав осеќам мали проблеми и згрченост во листовите. Беше далеку од страшно, ама доволно да смета. Полека поттрчнував на рамниот дел, ама на првата угорница морав да успорам.  Почнав да го губам чекорот со Сандра, со која трчавме заедно во тој дел и ѝ реков да продолжи сама да не ја успорувам. Додека полека се качував ме стигна Тери па продолжив со нејзе до наредната контрола. Немаше уште многу нагоре, а потоа следеше уште еден убав дел за трчање: блага удолница низ боровата шума што води кон Прилепското езеро. Уживање за сите сетила...зеленило, мирис на бор, мека подлога за трчање... Згрченоста во листовите полека се влошуваше, ама решив да го истрчам целиот дел до езерото. Во меѓувреме со Тери се договоривме малку подолго да се задржиме на оваа контролна, за да може да продолжиме со истото темпо понатаму. Плус и сѐ понатаму ми беше непозната територија, повеќе од било кое мое претходно трчање.
Ама испадна дека џабе беа сите договори и планови. Петстотини метри по асфалтот покрај езерото и листовите откажаа. И реков на Тери да си продолжи како сака, а јас си продолжив полека со одење. На почеток ме поминаа неколку луѓе и после главно се движев сам и ги гледав другите пред мене. Како што ја гледав каква е патеката што ја поминувам, се повеќе ме нервираше што не можам да ја трчам. Пробав неколку пати да забрзам, ама кратко траеа тие обиди. Целиот тој дел беше мачење и го поминав чисто на инат. Дури кога се доближував до патот за Дабница каде повторно се поминуваше на истата контролна, успеав да направам две подолги трчања. Тоа малку ме охрабри, ама знаејќи што ме чека понатаму не си дозволував премногу да ме израдува.
На контролната земав уште еден магнезиум, побарав масажа што не ја добив (некако слабо расположена медицинската екипа :) ) , на кратко се истегнав и си го фатив патот под нозе. Дали дека претходниот дел главно не трчав, осетив некоја свежина и си дозволив да забрзам. Качувањето накај Наковална не беше баш најлесно, ама го поминав полесно од очекуваното. Дури успеав да се доближам на една група која одамна ме имаше одминато и останав со нив до највисоката точка во тој дел.
Поодев уште малку со нив, поразговаравме кратко, собрав сила колку што имав останато и се пуштив напред. Последните 3 километри ги истрчав како тогаш да почнувам. Групата ја оставив позади мене и дури до крај успеав да направам разлика од 5 минути! Веќе не гледав никој позади мене, а пред мене полека се појавуваше Варош.
Влез на финиш

Колку и да пробувам да најдам, немам зборови за да го опишам чувството на финишот. Целите претходни три години ми се свртеа пред очи. Едвај некако успеав да дигнам глава и раце за да отпоздравам на гласните овации што ме пречекаа. Имаше мала горчина од помислата дека можеше да биде подобро, ама кога ми го ставија финишер медалот на врат се изгуби. Сфатив дека сум стигнат далеку, многу подалеку од што сум помислувал дека ќе можам...


Friday, September 16, 2016

Мали чекори напред

Секое трчање е нов предизвик. Никогаш не можеш да знаеш што ќе се случи и секој чекор е исполнет со неизвесност. Внимаваш на секое вдишување, на секое движење на рацете, на секое згазнување. И пак може сешто да се случи.
Нешто слично како и лекувањето. Па може и баш таа аналогија толку ме навлече на трчањето. Секое излегување на кеј е нова борба и секое враќање дома е нова победа. И тоа е нешто што одново и одново ме исполнува.
Таквото чувство знае да те завлече. И некако забораваш да поставиш граница до кај ти се можностите. Токму тоа можеби беше и еден од најголемите предизвици после Скопскиот маратон. Не е лесно да прифатиш дека многу работи се сменети во телото и дека не можеш да ги правиш работите како што ги прават другите. Сакаш да напредуваш, а нешто како постојано да те кочи, како постојано да се бориш со себе си. И во таква ситуација е многу лесно да се откажеш и да оставиш сѐ. Сепак поучен од претходното искуство, се помирив со тоа дека процесот на рехабилитација е долг. Дури и подолг од процесот на лекување. Па најголемиот чекор веќе го направив. Сега не се брзам никаде, никој не ме брка.

Некој сподели во групата на СНР информација за Љубљански маратон. И мене веднаш ми светнаа очињата. Првпат бев во Љубљана за ПЕТ снимањето после терапиите. Какво само победничко враќање во тој град би било учеството на маратонскиот викенд. Готово, решено е...тоа е новиот предизвик: 10 километри трчање низ Љубљана.
И почнав да се спремам. Малку по малку, чекор по чекор, километар по километар. Ми се подобруваше кондицијата, но уште поважно осеќав како ми се враќа здравјето. Секое трчање ме исцрпуваше физички, но и ми вбризгуваше нова, свежа животна енергија. Како што поминуваа неделите и месеците чувството дека правам нешто правилно беше сѐ посилно.
Иако Љубљанскиот маратон ми беше приоритетен, имаше некои „попатни станици“ кои многу влијаеа на тоа како ќе се одвиваат работите понатаму. Тука пред се мора да ја издвојам планинската трка Крали Марко Треилс. Некако случајно ми влезе во плановите, дека сепак стануваше збор за 16 километри по прилично тежок терен. Ама немав некои високи очекувања, немав намера да трчам...се пријавив буквално за да се прошетам. Па пред трката со истата намера се пријавив и да помогнам во чистење и маркирање на патеката за најголемата трка од тој настан, 64 километри. И така некако една по друга случајност се зближив и со друга група на трчачи. Луѓе на кои им се восхитував затоа што можат да трчаат 64 километри по планини (иако и тоа е малку во споредба со други нивни подвизи). И посакав еден ден и јас да можам да го правам тоа. Трката на Крали Марко ја завршив според очекувањата, меѓу последните. Ама некако се вљубив во тој настан, убавото дружење со нов тип на луѓе и пред се во планинското трчање. 

По стапките на Крали Марко
Од Крали Марко Треилс произлегоа многу убави работи, нови блиски пријателства. И нови предизвици за во подалечната иднина. А поблиската веќе се смешкаше и ме носеше на долг пат.

Накај Љубљана отидовме цела екипа од 30-тина луѓе. Скоро полн автобус весели луѓе на пат накај еден од (според мене) најубавите градови. И нормално е да поминеш прекрасен викенд кој кулминираше со трките. На најкратката трка од 10 километри од нашата екипа бевме само двајца. А околу нас имаше илјадници. Прочитав од претходно колку пријавени има за трките, ама пак не можев да се изначудам. Река од народ и тоа не само на улица, туку и од страна. Цел град е излезен или да трча или да навива. На секоја кривина бендови, пред секој двор се врти скара...вистински празник на градот. Не ги ни осетив тие 10 километри. Повеќе од еден час трчање, а мене ми помина како неколку минути.

Љубљански маратон - 10 километри
Кога завршив ми се вртеше само една мисла во глава. Сето ова се исплати. Се исплати потта, трудот, потрошеното време, долгиот пат. Сѐ се исплати за тие неколку моменти кога ја поминуваш целта.

Saturday, September 10, 2016

Поддршка

Канцерот како болест кај нас сѐ уште е табу тема. Иако појавата е сѐ почеста, свесноста е на многу ниско ниво. Ама некако таков менталитет ни е наметнат, како да е нешто срамно да си болен. Факт е дека секој си го доживува и се бори со тоа на свој начин, ама никој не треба да биде сам во таа борба. Нема полошо од затворањето во себе, тоа е рецепт за катастрофа...
Во поразвиени земји е честа појавата на групи за поддршка, каде што болните ги споделуваат своите искуства и имаат најразлични заеднички активности. Во недостаток на такви групи кај нас, јас ја најдов поддршката на сосема друго место...

Трчачката заедница кај нас е посебен феномен. Ќе сретнеш секакви луѓе, од лути ривали до најблиски пријатели. Ама сите имаат една заедничка љубов: трчањето. Најважно, сите го ценат тоа што го имаат и не се штедат за да ја рашират таа љубов. И некако магично те навлекуваат во тој нивен свет.
Првиот контакт ми беше со групата Скопско Ноќно Трчање (СНР). Што да кажам...ме примија во дружината како да се знаеме цел живот. Па веднаш дружења, муабети, совети...како да почнам, какви патики ми требаат... Сето тоа многу ми помогна уште полесно да ги поминам останатите неколку терапии. Тука за првпат ја сфатив важноста на тоа да имаш група што те поддржува. Некој ќе рече секогаш се тука другарите и фамилијата. Да, ама не е исто. Кога група на луѓе кои скоро и да не те познаваат, несебично те поддржуваат и те следат во секој чекор, многу полесно се задржува волјата и мотивацијата за што и да е тоа што си го намислил.

Во сето тоа време продолжив да се движам колку што имав можност, па кога поминаа терапиите се фатив за „работа“ најбрзо што можев. Уште не знаев дали сум официјално оздравен, а веќе направив неколку обиди за трчање на кеј. Две недели по последната терапија отидов и на Водно со дел од екипата од СНР. Мислам дека никогаш не сум се чувствувал толку уморно и исполнето во исто време. Ме облеа некое чувство на огромно постигнување и уште тогаш знаев дека имам нова страст.
Во периодот што следеше се случи ПЕТ скенот во Словенија со кој конечно добив потврда за ремисија. И од тој момент па натаму веќе сѐ беше оставено на мене, на тоа како јас ќе живеам. А одлуката кај мене веќе беше донесена: трчање, вежбање, природа, планина, здрава исхрана...



Времето до Скопскиот маратон беше кратко. Неколку кратки поттрчнувања, што сам, што со друштво и дојде и тој ден.
Надвор пеколно жешко, јас далеку од спремен. Се најдов со бандата од СНР и полека се пикнав во гужвата на стартот. Во сиот тој хаос некако забораваш што си поминал за да стигнеш таму. Сѐ се сведува на тој еден момент кога таа џунгла од нозе ќе се придвижи. Еден истрел на пиштолот и почнува пет километарската авантура. Буткање, претекнување, јако сонце, пребрзо стартување, прекасно стигнување кај станицата со вода... Ама не е тешко, ќе видиш од време на време некое познато лице на патеката или околу неа и веднаш те освежува и како да те подбутнува кон финишот. Нозете се тешки, но со леснотија во главата и насмевка на лицето ја поминуваш целната линија.

Тоа чувство на свежина и покрај уморните нозе, ме држеше и по трката. И наместо да си заминам дома да одморам, одлучив да седнам на тревникот, да ги гледам полумаратонците и маратонците и да ги бодрам оние кои ме бодреа претходните неколку месеци...