Friday, September 30, 2016

Далеку...

Не сакав да го нарушам распоредот на раскажување, ама некако морам на кратко да се префрлам во сегашноста. Изминатиов викенд го направив мојот најголем трчачки подвиг до сега, успешно завршување на 31 километарската трка на Крали Марко Треилс и мислам дека вреди да се запише додека ми се свежи впечатоците. 
Приказната всушност започна пред неколку месеци кога одлучив дека е време за следниот чекор, следното скалило. По годинешниов Скопски маратон 2016 каде што повторно учествував на трката на 5 километри некако се почесто почна да ми се врти во глава идејата за некој посериозен предизвик. Крали Марко веќе некако по автоматизам ми е влезен во распоредот, па кога видов дека и оваа година ќе ја има трката на 31 километар одлуката не беше тешка. Без поголемо размислување се пријавив и почнав да правам план за подготовки.
Пет месеци и многу километри подоцна дојде и тој викенд, празникот на планинското трчање во Македонија. Со Никац и Даре намерно отидовме ден порано од нашите трки за да ги бодриме стартерите на 90 километри. Поголемиот дел од попладнето и вечерта го поминавме токму на стартот кај амфитеатарот Варош. А таму многу познати лица и меѓу организаторите и меѓу трчачите. Си ги земавме стартните пакети, се подруживме со луѓето, јадевме паста и полека дојде време да тргнат најспремните и најхрабрите. Пеесетина стартери длабоко во ноќта го почнаа долгото патување по падините на Бабуна, испратени со многу бучава и позитивна енергија. Доволно и за нивна и за наша мотивација за тоа што не чека наредниот ден. 
Утрото почна забавно. Прво со алармот на Даре што звучи како петел и ја разбуди цела сала. Па Никац се жалеше дека некој многу 'рчел па ја влечел вреќата ноќе преку цела сала. Па потоа мојот појадок го изеде Денали, кучето на „комшијата“ Хеки. Идеален старт на денот! По кратко спремање и загревање, се спакувавме и тргнавме кон стартот. 
Старт / Финиш - Амфитеатар Варош

А таму стандардната „лудница“. Преку 200 трчачи земаат стартни пакети, се истегнуваат, се загреваат, се сликаат... Се споделуваат кратки последни совети и полека сите се собираат на стартот. Почнува заедничкото одбројување за старт: десет, девет, осум...... три, два, еден! И сите стартуваат во еден здив исто како што одбројуваа.
Првиот дел од патеката до манастирот Трескавец ми е добро познат, го поминувам веќе трета година. Овојпат го поминувам некако побрзо, полесно, ама пак побавно од очекувањата. Сепак не ме загрижува премногу, знам дека качувањето ми е послаба страна. Горе кај манастирот, на контролната точка, правиме кратка пауза со малата група со која се качувавме заедно и продолжуваме понатаму. Стотина метри подолу се разделивме на различни страни: тие што се на шеснаесетката вртат десно и се враќаат назад кон Прилеп, а ние на триесет и кецот вртиме лево и влегуваме во за мене најубавиот дел од патеката. 


На излезот од Трескавец

Четири километри брз технички спуст. Вистинско уживање еднакво на медитација. Си планираш неколку чекори однапред, внимаваш на секое згазнување, на балансот, на дишењето. Целосно си фокусиран на линијата на движење, на најлесниот и најбрз пат низ карпите. Ама не се бориш со нив, оставаш сами да покажат, сами да те водат, исто како што би насочувале поток вода. И веќе ништо околу тебе не е важно, како да си сам со планината. Не дека нема и други трчачи пред и зад мене, ама тие во моментот се само дел од пејсажот.
Не ги осетив овие километри, како да поминаа за миг. И наеднаш се најдов на втората контрола на патот за Дабница. Таму познати весели лица. Некои насочуваат, некои те нудат со вода и храна, а некои само галамат со ѕвона и свирчиња. Застанав кратко, каснав нешто, го измив лицето и тргнав пак.
Но, не помина долго, а почнав осеќам мали проблеми и згрченост во листовите. Беше далеку од страшно, ама доволно да смета. Полека поттрчнував на рамниот дел, ама на првата угорница морав да успорам.  Почнав да го губам чекорот со Сандра, со која трчавме заедно во тој дел и ѝ реков да продолжи сама да не ја успорувам. Додека полека се качував ме стигна Тери па продолжив со нејзе до наредната контрола. Немаше уште многу нагоре, а потоа следеше уште еден убав дел за трчање: блага удолница низ боровата шума што води кон Прилепското езеро. Уживање за сите сетила...зеленило, мирис на бор, мека подлога за трчање... Згрченоста во листовите полека се влошуваше, ама решив да го истрчам целиот дел до езерото. Во меѓувреме со Тери се договоривме малку подолго да се задржиме на оваа контролна, за да може да продолжиме со истото темпо понатаму. Плус и сѐ понатаму ми беше непозната територија, повеќе од било кое мое претходно трчање.
Ама испадна дека џабе беа сите договори и планови. Петстотини метри по асфалтот покрај езерото и листовите откажаа. И реков на Тери да си продолжи како сака, а јас си продолжив полека со одење. На почеток ме поминаа неколку луѓе и после главно се движев сам и ги гледав другите пред мене. Како што ја гледав каква е патеката што ја поминувам, се повеќе ме нервираше што не можам да ја трчам. Пробав неколку пати да забрзам, ама кратко траеа тие обиди. Целиот тој дел беше мачење и го поминав чисто на инат. Дури кога се доближував до патот за Дабница каде повторно се поминуваше на истата контролна, успеав да направам две подолги трчања. Тоа малку ме охрабри, ама знаејќи што ме чека понатаму не си дозволував премногу да ме израдува.
На контролната земав уште еден магнезиум, побарав масажа што не ја добив (некако слабо расположена медицинската екипа :) ) , на кратко се истегнав и си го фатив патот под нозе. Дали дека претходниот дел главно не трчав, осетив некоја свежина и си дозволив да забрзам. Качувањето накај Наковална не беше баш најлесно, ама го поминав полесно од очекуваното. Дури успеав да се доближам на една група која одамна ме имаше одминато и останав со нив до највисоката точка во тој дел.
Поодев уште малку со нив, поразговаравме кратко, собрав сила колку што имав останато и се пуштив напред. Последните 3 километри ги истрчав како тогаш да почнувам. Групата ја оставив позади мене и дури до крај успеав да направам разлика од 5 минути! Веќе не гледав никој позади мене, а пред мене полека се појавуваше Варош.
Влез на финиш

Колку и да пробувам да најдам, немам зборови за да го опишам чувството на финишот. Целите претходни три години ми се свртеа пред очи. Едвај некако успеав да дигнам глава и раце за да отпоздравам на гласните овации што ме пречекаа. Имаше мала горчина од помислата дека можеше да биде подобро, ама кога ми го ставија финишер медалот на врат се изгуби. Сфатив дека сум стигнат далеку, многу подалеку од што сум помислувал дека ќе можам...


No comments :

Post a Comment