Friday, September 30, 2016

Далеку...

Не сакав да го нарушам распоредот на раскажување, ама некако морам на кратко да се префрлам во сегашноста. Изминатиов викенд го направив мојот најголем трчачки подвиг до сега, успешно завршување на 31 километарската трка на Крали Марко Треилс и мислам дека вреди да се запише додека ми се свежи впечатоците. 
Приказната всушност започна пред неколку месеци кога одлучив дека е време за следниот чекор, следното скалило. По годинешниов Скопски маратон 2016 каде што повторно учествував на трката на 5 километри некако се почесто почна да ми се врти во глава идејата за некој посериозен предизвик. Крали Марко веќе некако по автоматизам ми е влезен во распоредот, па кога видов дека и оваа година ќе ја има трката на 31 километар одлуката не беше тешка. Без поголемо размислување се пријавив и почнав да правам план за подготовки.
Пет месеци и многу километри подоцна дојде и тој викенд, празникот на планинското трчање во Македонија. Со Никац и Даре намерно отидовме ден порано од нашите трки за да ги бодриме стартерите на 90 километри. Поголемиот дел од попладнето и вечерта го поминавме токму на стартот кај амфитеатарот Варош. А таму многу познати лица и меѓу организаторите и меѓу трчачите. Си ги земавме стартните пакети, се подруживме со луѓето, јадевме паста и полека дојде време да тргнат најспремните и најхрабрите. Пеесетина стартери длабоко во ноќта го почнаа долгото патување по падините на Бабуна, испратени со многу бучава и позитивна енергија. Доволно и за нивна и за наша мотивација за тоа што не чека наредниот ден. 
Утрото почна забавно. Прво со алармот на Даре што звучи како петел и ја разбуди цела сала. Па Никац се жалеше дека некој многу 'рчел па ја влечел вреќата ноќе преку цела сала. Па потоа мојот појадок го изеде Денали, кучето на „комшијата“ Хеки. Идеален старт на денот! По кратко спремање и загревање, се спакувавме и тргнавме кон стартот. 
Старт / Финиш - Амфитеатар Варош

А таму стандардната „лудница“. Преку 200 трчачи земаат стартни пакети, се истегнуваат, се загреваат, се сликаат... Се споделуваат кратки последни совети и полека сите се собираат на стартот. Почнува заедничкото одбројување за старт: десет, девет, осум...... три, два, еден! И сите стартуваат во еден здив исто како што одбројуваа.
Првиот дел од патеката до манастирот Трескавец ми е добро познат, го поминувам веќе трета година. Овојпат го поминувам некако побрзо, полесно, ама пак побавно од очекувањата. Сепак не ме загрижува премногу, знам дека качувањето ми е послаба страна. Горе кај манастирот, на контролната точка, правиме кратка пауза со малата група со која се качувавме заедно и продолжуваме понатаму. Стотина метри подолу се разделивме на различни страни: тие што се на шеснаесетката вртат десно и се враќаат назад кон Прилеп, а ние на триесет и кецот вртиме лево и влегуваме во за мене најубавиот дел од патеката. 


На излезот од Трескавец

Четири километри брз технички спуст. Вистинско уживање еднакво на медитација. Си планираш неколку чекори однапред, внимаваш на секое згазнување, на балансот, на дишењето. Целосно си фокусиран на линијата на движење, на најлесниот и најбрз пат низ карпите. Ама не се бориш со нив, оставаш сами да покажат, сами да те водат, исто како што би насочувале поток вода. И веќе ништо околу тебе не е важно, како да си сам со планината. Не дека нема и други трчачи пред и зад мене, ама тие во моментот се само дел од пејсажот.
Не ги осетив овие километри, како да поминаа за миг. И наеднаш се најдов на втората контрола на патот за Дабница. Таму познати весели лица. Некои насочуваат, некои те нудат со вода и храна, а некои само галамат со ѕвона и свирчиња. Застанав кратко, каснав нешто, го измив лицето и тргнав пак.
Но, не помина долго, а почнав осеќам мали проблеми и згрченост во листовите. Беше далеку од страшно, ама доволно да смета. Полека поттрчнував на рамниот дел, ама на првата угорница морав да успорам.  Почнав да го губам чекорот со Сандра, со која трчавме заедно во тој дел и ѝ реков да продолжи сама да не ја успорувам. Додека полека се качував ме стигна Тери па продолжив со нејзе до наредната контрола. Немаше уште многу нагоре, а потоа следеше уште еден убав дел за трчање: блага удолница низ боровата шума што води кон Прилепското езеро. Уживање за сите сетила...зеленило, мирис на бор, мека подлога за трчање... Згрченоста во листовите полека се влошуваше, ама решив да го истрчам целиот дел до езерото. Во меѓувреме со Тери се договоривме малку подолго да се задржиме на оваа контролна, за да може да продолжиме со истото темпо понатаму. Плус и сѐ понатаму ми беше непозната територија, повеќе од било кое мое претходно трчање.
Ама испадна дека џабе беа сите договори и планови. Петстотини метри по асфалтот покрај езерото и листовите откажаа. И реков на Тери да си продолжи како сака, а јас си продолжив полека со одење. На почеток ме поминаа неколку луѓе и после главно се движев сам и ги гледав другите пред мене. Како што ја гледав каква е патеката што ја поминувам, се повеќе ме нервираше што не можам да ја трчам. Пробав неколку пати да забрзам, ама кратко траеа тие обиди. Целиот тој дел беше мачење и го поминав чисто на инат. Дури кога се доближував до патот за Дабница каде повторно се поминуваше на истата контролна, успеав да направам две подолги трчања. Тоа малку ме охрабри, ама знаејќи што ме чека понатаму не си дозволував премногу да ме израдува.
На контролната земав уште еден магнезиум, побарав масажа што не ја добив (некако слабо расположена медицинската екипа :) ) , на кратко се истегнав и си го фатив патот под нозе. Дали дека претходниот дел главно не трчав, осетив некоја свежина и си дозволив да забрзам. Качувањето накај Наковална не беше баш најлесно, ама го поминав полесно од очекуваното. Дури успеав да се доближам на една група која одамна ме имаше одминато и останав со нив до највисоката точка во тој дел.
Поодев уште малку со нив, поразговаравме кратко, собрав сила колку што имав останато и се пуштив напред. Последните 3 километри ги истрчав како тогаш да почнувам. Групата ја оставив позади мене и дури до крај успеав да направам разлика од 5 минути! Веќе не гледав никој позади мене, а пред мене полека се појавуваше Варош.
Влез на финиш

Колку и да пробувам да најдам, немам зборови за да го опишам чувството на финишот. Целите претходни три години ми се свртеа пред очи. Едвај некако успеав да дигнам глава и раце за да отпоздравам на гласните овации што ме пречекаа. Имаше мала горчина од помислата дека можеше да биде подобро, ама кога ми го ставија финишер медалот на врат се изгуби. Сфатив дека сум стигнат далеку, многу подалеку од што сум помислувал дека ќе можам...


Friday, September 16, 2016

Мали чекори напред

Секое трчање е нов предизвик. Никогаш не можеш да знаеш што ќе се случи и секој чекор е исполнет со неизвесност. Внимаваш на секое вдишување, на секое движење на рацете, на секое згазнување. И пак може сешто да се случи.
Нешто слично како и лекувањето. Па може и баш таа аналогија толку ме навлече на трчањето. Секое излегување на кеј е нова борба и секое враќање дома е нова победа. И тоа е нешто што одново и одново ме исполнува.
Таквото чувство знае да те завлече. И некако забораваш да поставиш граница до кај ти се можностите. Токму тоа можеби беше и еден од најголемите предизвици после Скопскиот маратон. Не е лесно да прифатиш дека многу работи се сменети во телото и дека не можеш да ги правиш работите како што ги прават другите. Сакаш да напредуваш, а нешто како постојано да те кочи, како постојано да се бориш со себе си. И во таква ситуација е многу лесно да се откажеш и да оставиш сѐ. Сепак поучен од претходното искуство, се помирив со тоа дека процесот на рехабилитација е долг. Дури и подолг од процесот на лекување. Па најголемиот чекор веќе го направив. Сега не се брзам никаде, никој не ме брка.

Некој сподели во групата на СНР информација за Љубљански маратон. И мене веднаш ми светнаа очињата. Првпат бев во Љубљана за ПЕТ снимањето после терапиите. Какво само победничко враќање во тој град би било учеството на маратонскиот викенд. Готово, решено е...тоа е новиот предизвик: 10 километри трчање низ Љубљана.
И почнав да се спремам. Малку по малку, чекор по чекор, километар по километар. Ми се подобруваше кондицијата, но уште поважно осеќав како ми се враќа здравјето. Секое трчање ме исцрпуваше физички, но и ми вбризгуваше нова, свежа животна енергија. Како што поминуваа неделите и месеците чувството дека правам нешто правилно беше сѐ посилно.
Иако Љубљанскиот маратон ми беше приоритетен, имаше некои „попатни станици“ кои многу влијаеа на тоа како ќе се одвиваат работите понатаму. Тука пред се мора да ја издвојам планинската трка Крали Марко Треилс. Некако случајно ми влезе во плановите, дека сепак стануваше збор за 16 километри по прилично тежок терен. Ама немав некои високи очекувања, немав намера да трчам...се пријавив буквално за да се прошетам. Па пред трката со истата намера се пријавив и да помогнам во чистење и маркирање на патеката за најголемата трка од тој настан, 64 километри. И така некако една по друга случајност се зближив и со друга група на трчачи. Луѓе на кои им се восхитував затоа што можат да трчаат 64 километри по планини (иако и тоа е малку во споредба со други нивни подвизи). И посакав еден ден и јас да можам да го правам тоа. Трката на Крали Марко ја завршив според очекувањата, меѓу последните. Ама некако се вљубив во тој настан, убавото дружење со нов тип на луѓе и пред се во планинското трчање. 

По стапките на Крали Марко
Од Крали Марко Треилс произлегоа многу убави работи, нови блиски пријателства. И нови предизвици за во подалечната иднина. А поблиската веќе се смешкаше и ме носеше на долг пат.

Накај Љубљана отидовме цела екипа од 30-тина луѓе. Скоро полн автобус весели луѓе на пат накај еден од (според мене) најубавите градови. И нормално е да поминеш прекрасен викенд кој кулминираше со трките. На најкратката трка од 10 километри од нашата екипа бевме само двајца. А околу нас имаше илјадници. Прочитав од претходно колку пријавени има за трките, ама пак не можев да се изначудам. Река од народ и тоа не само на улица, туку и од страна. Цел град е излезен или да трча или да навива. На секоја кривина бендови, пред секој двор се врти скара...вистински празник на градот. Не ги ни осетив тие 10 километри. Повеќе од еден час трчање, а мене ми помина како неколку минути.

Љубљански маратон - 10 километри
Кога завршив ми се вртеше само една мисла во глава. Сето ова се исплати. Се исплати потта, трудот, потрошеното време, долгиот пат. Сѐ се исплати за тие неколку моменти кога ја поминуваш целта.

Saturday, September 10, 2016

Поддршка

Канцерот како болест кај нас сѐ уште е табу тема. Иако појавата е сѐ почеста, свесноста е на многу ниско ниво. Ама некако таков менталитет ни е наметнат, како да е нешто срамно да си болен. Факт е дека секој си го доживува и се бори со тоа на свој начин, ама никој не треба да биде сам во таа борба. Нема полошо од затворањето во себе, тоа е рецепт за катастрофа...
Во поразвиени земји е честа појавата на групи за поддршка, каде што болните ги споделуваат своите искуства и имаат најразлични заеднички активности. Во недостаток на такви групи кај нас, јас ја најдов поддршката на сосема друго место...

Трчачката заедница кај нас е посебен феномен. Ќе сретнеш секакви луѓе, од лути ривали до најблиски пријатели. Ама сите имаат една заедничка љубов: трчањето. Најважно, сите го ценат тоа што го имаат и не се штедат за да ја рашират таа љубов. И некако магично те навлекуваат во тој нивен свет.
Првиот контакт ми беше со групата Скопско Ноќно Трчање (СНР). Што да кажам...ме примија во дружината како да се знаеме цел живот. Па веднаш дружења, муабети, совети...како да почнам, какви патики ми требаат... Сето тоа многу ми помогна уште полесно да ги поминам останатите неколку терапии. Тука за првпат ја сфатив важноста на тоа да имаш група што те поддржува. Некој ќе рече секогаш се тука другарите и фамилијата. Да, ама не е исто. Кога група на луѓе кои скоро и да не те познаваат, несебично те поддржуваат и те следат во секој чекор, многу полесно се задржува волјата и мотивацијата за што и да е тоа што си го намислил.

Во сето тоа време продолжив да се движам колку што имав можност, па кога поминаа терапиите се фатив за „работа“ најбрзо што можев. Уште не знаев дали сум официјално оздравен, а веќе направив неколку обиди за трчање на кеј. Две недели по последната терапија отидов и на Водно со дел од екипата од СНР. Мислам дека никогаш не сум се чувствувал толку уморно и исполнето во исто време. Ме облеа некое чувство на огромно постигнување и уште тогаш знаев дека имам нова страст.
Во периодот што следеше се случи ПЕТ скенот во Словенија со кој конечно добив потврда за ремисија. И од тој момент па натаму веќе сѐ беше оставено на мене, на тоа како јас ќе живеам. А одлуката кај мене веќе беше донесена: трчање, вежбање, природа, планина, здрава исхрана...



Времето до Скопскиот маратон беше кратко. Неколку кратки поттрчнувања, што сам, што со друштво и дојде и тој ден.
Надвор пеколно жешко, јас далеку од спремен. Се најдов со бандата од СНР и полека се пикнав во гужвата на стартот. Во сиот тој хаос некако забораваш што си поминал за да стигнеш таму. Сѐ се сведува на тој еден момент кога таа џунгла од нозе ќе се придвижи. Еден истрел на пиштолот и почнува пет километарската авантура. Буткање, претекнување, јако сонце, пребрзо стартување, прекасно стигнување кај станицата со вода... Ама не е тешко, ќе видиш од време на време некое познато лице на патеката или околу неа и веднаш те освежува и како да те подбутнува кон финишот. Нозете се тешки, но со леснотија во главата и насмевка на лицето ја поминуваш целната линија.

Тоа чувство на свежина и покрај уморните нозе, ме држеше и по трката. И наместо да си заминам дома да одморам, одлучив да седнам на тревникот, да ги гледам полумаратонците и маратонците и да ги бодрам оние кои ме бодреа претходните неколку месеци...


Thursday, September 8, 2016

Краток вовед


Помина долго време додека се одлучам да почнам да го објавувам ова, ама со многу поддршка (и притисок) од некои блиски луѓе решив дека сепак вреди да се сподели и ако може и да се помогне некому. Називот на блогов можеби не кажува многу, но идеално ја доловува суштината на тоа што ќе се обидам да го споделам во понатамошните постови. А неговата цел е многу едноставна: да инспирира што повеќе луѓе да го сменат начинот на живот и да си помогнат.
Но прво, кој сум јас? Типичен млад човек, со една мала разлика од останатите: имам преживеано рак. Да, знам дека не сум единствен. Но она што ме прави посебен од другите е начинот на кој живеам откако го поминав тоа.
Никогаш не сум бил изразено спортски човек, ама никогаш не сум бил ни тотално неактивен. Имам тренирано и тимски спортови и боречки вештини, а и цел живот сум на точак. Сепак тоа беше искомбинирано со многу нездрав живот и исхрана што на крај си направи проблем.
Нема многу да навлегувам во болеста и лекувањето. Доволно е само да кажам дека е долг и макотрпен процес кој пред сѐ исцрпува физички, но дефинитивно знае да ја нападне и психата. Тоа ми се случи и мене, после шест циклуси терапии (од дванаесетте) почнав да губам желба да продолжам. Посебно сметаше делот дома-терапија-дома-терапија, па помислив дека би било одлично кога би можел да правам и нешто друго, да се движам...
Тука всушност и почнува целата приказна. Моментот кога седнав на компјутер и почнав да барам што може и смее да прави некој што е на хемотерапија. А резултатите? Сосема спротивни од тоа што го очекував! Со кратко истражување ми се отвори еден сосема нов свет, свет каде што луѓето како мене не ги затвораат дома туку ги мотивираат и стимулираат (во рамки на нивните можности) да се активни, да вежбаат, да се движат. Десетици и стотици најразлични проекти и групи за поддршка и што уште не, некои од кои посебно ќе ги спомнам во понатамошните постови.
Во сето тоа неколкудневно читање некако сам се издвои еден краток есеј: девојка што трчала, болна од истото како и јас... (http://www.c25k.com/jenny.htm) . Ви препорачувам да го прочитате, инспиративен е. Барем мене така ми влијаеше. И падна одлука дека кога ќе помине болеста ќе почнам со трчање. И веќе немаше дилема дали ќе помине и како ќе биде понатаму. Немаше ни најмала трошка сомнеж дека сѐ ќе се заврши и ќе можам да бркам нови животни предизвици. И така во јануари, на сред терапии и пет месеци однапред јас се пријавив за 5км на Скопски маратон.

Периодот што следеше се сменија многу работи. Почнав со интезивно истражување на тема физичка активност кај болни од рак. А почнав и да пешачам. Прво по малку, па постепено стигнав и до 3-4 километри. Се чувствував одлично, посилно...и физички и психички...